Се работи за еден, а не за два базени и уште во 2014 година се констатирани бесправни градежни дејствија, велат од Управата за заштита на културно наследство (УЗКН), откако Платформата Симпозиум реагираше за спорни градби во старото градско јадро на Охрид.
За разлика од тврдењата на Донка Барџиева Трајковска од Симпозиум дека се нови фотографии од базените над куќите, Управата тврди дека е „бајат податок“.
„Имено, од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, а врз основа на извршен увид на објект на катастарска парцела во старото градско јадро на Охрид по пријава на група граѓани, на ден 04.09.2014 година до Управата за заштита на културното наследство доставен е Извештај од извршен увид со кој се констатирани бесправни градежни дејствија на објектот и изведба на базен во дворното место на истиот. До Управата за заштита на културното наследство не е доставено барање за добивање на Конзерваторско одобрение за партерно уредување и поправка на дворна ограда на катастарска парцела во старото градско јадро на Охрид“, велат од Управата.
Директорката на Музеј-Охрид, Даниела Недељковиќ, исто така тврди дека се работи за постар предмет.
„Предметот е од 2014-2015 година“, кусо ни одговори Недељковиќ по телефон.
Од Управата велат дека имателот на објектот постапил спротивно на член 7 став 1 точка 8 од Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Оттука, Управата го доставила Извештајот од увидот на објектот до Државен инспекторат за градежништво и урбанизам и до Општина Охрид – Одделение за инспекциски надзор-градежно-урбанистичка инспекција.
Од Општина Охрид ни рекоа дека немаат големи надлежности врз старото јадро во Охрид, но, сепак, навестија дека утре ќе побараат дали располагаат со информации околу предметот.
Инаку, Барџиева Трајковска од Платформата Симпозиум претходно за Радио МОФ рече дека е зачудена што два базени се изградени во срцето на старото градско јадро. Ова, според неа, се случува на 200 метри од Завод-Музеј Охрид.
Старото јадро, дополни таа, е со посебен закон прогласено за културно наследство од особено значење, па ваквите интервенции се недозволени.
Б.Ш.