Утре започнува учебната година – онлајн настава ќе има за сите, а комбинирана доколку дозволат епидемиолозите

За првпат, во услови на пандемија, утре се означува стартот на новата учебна 2020/2021 година за учениците во основните и средните училишта. Настава со физичко присуство ќе следат учениците од прво до трето одделение, но и во повсоките оддленија во околу 600 основни и средни училишта кои поднеле барања за ваков тип на настава и добија одобрение од надлежните. Сите останати ученици, наставата ќе ја следат исклучиво онлајн.

Од Сојузот на средношколци денеска повторно побараа да се дозволи комбинирана настава. Во спротивно, посочија дека ако и во октомври епидемиолошката состојба е стабилна, во ноември ќе ја бојкотираат онлајн наставата. Министерката за образование и наука Мила Царовска, пак, на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање, во однос на барањата на средношколците, посочи дека она што со сигурност се знае е дека се почнува на начинот зацртан во планот за започнување на учебната година.

„Ако се менува епидемиолошката состојба, епидемиолозите сигурно дека ќе може да ја преиспитаат ситуацијата, но повторувам дека не станува збор за желби… Но, желбите, оваа година, некогаш ќе може да останат само на ниво на желби, затоа што ќе мораме да се соочиме со реалните ситуации и со препораките на здравствените експерти, кои што сега се пред голем преидзвик, заради тоа што е есен, доаѓа зима, здравствени предизвици ќе има повеќе отколку во летниот период, и затоа навистина ќе ги следиме нивните препораки“, рече Царовска.

Таа додаде дека ако здравствените експерти дозволат во даден момент, училиштата ќе се отворат. Сега, истакна, се носат разумни одлуки за да се заштити јавното здравје.

Поради пандемијата, оваа учебна година ќе биде многу поразлична од другите, повтори Царовска. Додаде и дека во многу краток период требало целосно да се трансформира системот на образование и учење во државата.

„Променетите услови не се само предизвик и пречка, туку напротив се и можност за модернизација на образовниот систем во побрз и пократок рок. Секако дека ова прилагодување ќе побара од нас многу труд и многу вложување и на тоа сме спремни и како систем и како родители, и како луѓе кои што се дел од ова наше општество. Токму затоа, она кое што можевме да го научиме од пандемијата Ковид-19 досега, е дека ние навистина само заедно можеме да ги надминеме предизвиците и дека од нив треба да излеземе посилни, ако соработуваме“, рече Царовска.

Националната платформа е спремна, тврди министерката

Тимс интеграцијата на националната платформа профункционирала, а наставниците со своите одделенија вчера и денес работат на подготовка на утрешниот ден и училишната година, вели Царовска. Таа истакна дека 30 национални и 1.600 училишни обучувачи ја завршиле обуката за плафтормата, додавајќи дека сега има воспоставен систем на луѓе кои имаат технички вештини.

„Тоа овозможува тие тековно да го надградуваат своето знаење и да го пренесуваат на своите колеги, во еден систем што е организиран и навистина тоа ни дава можност, да понатаму да ги надградуваме нивните вештини и тие да се искористуваат како ресурс во образовниот процес, се со цел во континуитет одиме кон дигитализација на образованието, а со тоа и модернизација на образовниот процес“, посочи Царовска.

На првата седница на Владата, Царовска изјави дека била донесена одлука, сите деца на флексибилен начин да се опфатат со образовниот процес, со ресурсите и можностите со кои располагата министерството, државата и образовниот систем.

„Токму затоа, секое дете кое што нема ИТ уред, ќе има наставна содржина која што ќе оди на македонската радио телевизија, по распоред даден од Бирото за развој на образованието и тоа е подготвено, и си стартува од утре, на наставен албански и македонски јазик. Тоа е еден од начините како да стигнеме најблиску до секое дете, сепак ние сме држава во развој, а во државите во развој, ваквите начини на трансфер на знаење и информации до децата одат преку телевизија и не е непознат модел кој што ни се случува во нашата држава, а исто така и во земјите во регионот и другите земји во развој“, рече Царовска.

Училиштата кои имаат услови, додаде Царовска, може да обезбедат децата без компјутер да ја следат наставата со физичко присуство, односно едно до две деца во училница, додека наставникот држи онлајн настава.

„Дел од училиштата се подготвени на тоа, и секако дека ќе имаме подготовка на материјали кои што ќе се дистрибуираат до родителите, а тие после до децата, и дека наставникот ќе има обврска да го следи развојот и учењето, напредокот на секое дете. Да не заборавиме дека наставникот е оној кој што навистина треба да добие поддршка во овој период, за да може најсоодветно да тој па се грижи за учениците, и мене ќе ми биде тоа приоритетно, да ни се случува настава, и секој наставник да си го следи развојот на своите ученици во одделението, независно на кој начин ја следат наставата“, истакна Царовска.

Во однос на учениците кои наставата ќе ја следат со физичко присуство, министерката апелираше да се почитуваат протоколите и мерките од Комисијата за заразни болести, посочувајќи дека со тоа директно влијаат за контрола на пандемијата, но и заштитата на јавното здравје.

М.К.