Утре во Богданци референдум за рудникот Казандол

„Дали сте „ЗА“ или „ПРОТИВ“ продолжување со работа на рудникот Казандол?“ и „Дали сте „ЗА“ или „ПРОТИВ“ отворање рудници на територијата на општината?“, се двете референдумски прашања на кои граѓаните на Општина Богданци утре треба да се изјаснат.

Право на глас имаат околу 7.000 жители, кои ќе можат да гласаат на 12 избирачки места.

За успешно спроведување на референдумот неопходно е на гласањето да излезат минимум половина плус еден од запишаните избирачи во Избирачкиот список во општина Богданци. Притоа, мнозинството од излезените граѓани треба да се одлучат за стопирање на изградбата на идниот рудник во Казандол.

Набљудување на спроведувањето на референдумот најавија од ЦИВИЛ – Центар за слобода. Тие информираат дека евентуални пријави за нерегуларности може да се поднесуваат на телефонските броеви 078 746 138 и 075 389 698, а на располагање е и веб страницата Слободни избори за пријава на изборни нерегуларности.

За истиот рудник, на 18 јуни, на референдум ќе излезат и жителите на Општина Дојран, а во постапка за референдум се и граѓаните на Валандово.

Првиот ваков референдум на локално ниво успешно се спроведе во Гевгелија. Скоро 70% од граѓаните на оваа општина беа против отворање рудници на планината Кожув.