Утре се доделуваат наградите на деветтиот „Мобил фестивал“

Со доделување на наградите на најдобрите филмови снимени со мобилен телефон, утре (24 ноември) во 17 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде затворен 9. „Мобил фестивал“. Ќе бидат доделени наградите за најдобрите филмови во македонска и во меѓународна селекција. Авторот на најдобриот филм ќе добие стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА – Скопје.

Од вкупно 750 пријавени филмови од автори од цел свет, тричлено жири ја направи селекцијата на десетина филмови што ќе бидат прикажани, а ги избраа и најдобрите наслови во четири категории.

Филмовите ги оценуваа режисерите Весна Ристовска и Сашо Павловски, со актерот Гораст Цветковски. Ќе бидат доделени наградите во следните категории: награда за најдобар филм „Ратка Илиевска- Лале“, награда за најинвентивен филм, награда за најоригинална приказна и награда за најдобра идеја.

„Под мотото „Сонувај многу, почни од малку“ (Dream big, start small), во изминатите два месеца добивме интересни филмови од цел свет, како и од Македонија. Ги охрабруваме авторите да создаваат филмови и видеа со мобилен телефон и да ни ги испратат и за јубилејното 10.издание на фестивалот“, порачуваат од „Мобил фестивал“.

Во рамките на фестивалот беа прикажани два играни филма „Планинско чудо“ и „Помош, ја смалив учителката“, а се одржа и работилница за изработка на филмови со мобилен.

Фестивалот го организира продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ филм и медиа“ од Скопје.