УСС УКИМ со иницијатива за задолжителна педагошка доквалификација за наставниот кадар на високообразовните установи

Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) поднесува иницијатива за воведување задолжителна педагошка доквалификација за сите сегашни и идни асистенти, доценти, вонредни и редовни професори на високообразовните установи во Македонија.

Ваквата иницијатива се поднесува до Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образованието (БРО) и сите високообразовни установи во Македонија.

Конкретно, УСС УКИМ предлагаат да се воведе задолжителна педагошко-психолошка и методолошка доквалификација за сите сегашни и идни наставници на високообразовните установи. Потоа, доквалификацијата да се спроведува преку акредитирани програми од високообразовните институции во соработка со МОН и БРО.

„Да се извршат измени и дополнувања во Законот за високо образование, со додавање нов член кој ќе ја регулира оваа обврска, слично како што е регулирано во Законот за наставници и стручни соработници“, посочуваат од Универзитетското собрание.

Според нив, ова е важно за унапрадување на наставниот процес.

„Наставниот кадар кој има педагошко-психолошка и методолошка подготовка е подобро опремен за ефективно пренесување на знаењето и управување со различните аспекти на наставниот процес“, се вели во иницијативата.

Понатаму, сметаат е важно и за подобрување на студентските резултати.

„Примената на современи наставни методи ќе го зголеми нивото на вклученост и успех кај студентите“, посочуваат студентите.

Во однос на стандардите за квалитет, сметаат дека ќе се изедначат стандардите за наставниот кадар во основното, средното и високото образование.

„Очекувани резултати: Зголемен професионализам на наставниот кадар. Подобра подготовка на студентите за пазарот на трудот. Унапредување на меѓународниот углед на македонските високообразовни установи“, се вели во документот.

Со оваа иницијатива бараат од МОН, БРО и високообразовните установи итно да преземат активности за воспоставување на оваа практика.

„Исто предлагаме оваа иницијатива да влезе во закон, регулатива или пак правилник на Министерството за образование и наука. Ве повикуваме на соработка со Универзитетското студентско собрание во процесот на креирање и имплементација на ваквите програми“, стои во иницијативата.