Успешна хуманитарна изложба синоќа во „Ателје Ателје“

Членовите на скопскиот арт клуб на МОФ синоќа во „Ателје Ателје“ во Старата скопска чаршија организираа успешна изложба со хуманитарен карактер насловена „Билјана платно шараше“.

Најзаслужни за изложбата беа десетина млади луѓе заинтересирани за уметност, а кои беа дел од неколку работилници во МОФ, водени од искусни предавачи од полето на уметноста, дизајнот и уличната типографија.

,,Секое дело е различно, платната и торбичките се навистина нешто различно, што бара различно посветено време, меѓутоа оптимално беше потребен еден час за да се заврши едно дело.”- изјави Маријана Аспровска која појасни дека сепак во зависност од сложеноста на делата, на некои членови на клубот им биле потребни и до 7 часа непрекината работа за едно парче.

Изложбата „Билјана платно шараше“ е производ на двомесечната работилница за улична уметност, а младите уметници на неа интензивно работеа последните две недели.

,,Навистина сме задоволни со посетеноста на изложбата, затоа што беше неочекувана. Публиката достигна од 70 до 100 луѓе, кои во моментов лицитираат и сакаат да подигнат некои од делата изработени за време на работилниците. Навистина прекрасно да се види дека млади луѓе, кои се средношколци, па и студенти се заинтересирани за уметноста.” –изјави Петар Антевски, координатор на скопскиот медиа/арт клубот на МОФ.

На изложбата беа прикажани 44 уникатни дела, од кои 18 платнени торби и 26 платна и истите беа ставени на лицитација. На крајот на изложбата ба собрани повеќе од 7.000 денари, кои ќе се донираат во хуманитарни цели.

На прашањето дали може да се очекуваат повеќе вакви проекти од хуманитарен карактер, Антевски изјави дека членовите на клубот се заинтересирани да продолжат со работа и дека ќе се потрудат во иднина да организираат што повеќе проекти, преку кои ќе ги надоградуваат вештините и техниките во уметноста.

Тамара Ѓуроска