Уште тројца полицајци обвинети за смртта на Џорџ Флојд

Тројца поранешни полицајци од Минеаполис, кои се во притвор, вчера се обвинети за помагање и поттикнување убиство во случајот со смртта на Џорџ Флојд, изјави обвинителот од Минесота Кеит Елисон.

Како што пренесува Си-ен-би-си, четвртиот поранешен Дерек Човин кој веќе беше обвинет за убиство од трет степен, сега ќе биде обвинет за убиство од втор степен. Ова го потврди и сенаторката Ејми Клобакар.

Нема објавени детали за обвиненијата што јавниот обвинител планира да ги покрене против тројцата други поранешни полицајци: Ту Тао, Џеј Александар Куенг и Томас Лејн. Сите четворица полицајци минатата недела беа отпуштени по апсењето.

Стар трибјун претходно соопшти дека тројцата ќе бидат обвинети за помагање и поттикнување убиство од втор степен, повикувајќи се на извори.

Поранешните полицајци му помагале на Човин да го уапси Флојд на Меморијалниот ден, под сомнение дека Флојд се обидел да плати со лажна банкнота.

Човин во петокот беше обвинет откако се појавија видео снимки на кои се гледа како клечи на вратот на Флојд скоро девет минути, додека Флојд, лежи со лисици, извикувајќи „Не можам да дишам“.

Овие зборови и снимката со смртта на Флојд поттикнаа илјадници граѓани да излезат на улиците на САД, каде веќе девет денови се случуваат тензични протести против полициската бруталност и се бара правда за Афромериканецот. Некаде настанаа и немири, грабежи, се палат полициски возила, а властите и полицијата возвратија со сила,  апсења и полициски часови.

Случајот на Флојд повторно го разгоре гневот на американската јавност поради полициските убиства на црните Американци и во нацијата ја отвори длабоката рана на расната нееднаквост, а низ целиот свет постојано се пренесуваат пораки против расизмот.