УСАИД ги додели наградите за младинско учество за 2018

Тијана Спасовска, Блаже Јосифовски и Виктор Гилев ги добија наградите за младинско учество за 2018 година за својот извонреден придонес во подобрување на своите заедници, додека пак во категоријата на младински граѓански организации беа наградени здруженијата „Младите Можат“, „МЕЛЕЕМ“ и здружението за дислексија „Ајнштајн“.

Овие награди се доделуваат на младите и младинските организации чии активности демонстрираат исклучителна посветеност кон решавање на прашања од јавен интерес и подобрување на животите на сограѓаните во нивните заедници.

„Наградата ми значи многу. На проектот работевме 6 месеци заедно со Центарот за деца со Даунов синдром. Ова е дополнителен мотив за понатака да продолжиме со слични проекти“, објаснува Тијана, балерина која работеше со деца со Даунов синдром и помогна во едукација за важноста на лицата со попреченост.

Виктор Гилев е извидник кој веќе 10 години работи со деца најчесто на возраст од 7 до 14 години.

„На извидничките акции се учат многу работи, од општи вештини за живот до полесно наоѓање на работно место и многу останати вештини кои се од суштинско значење“, објаснува Виктор.

За него оваа награда е признание на сиот труд кој го вложил и дополнителна мотивација за креирање нешто поголемо понатака во животот.

Блаже Јосифовски доби награда за својот пример за граѓанско учество преку нудење на иновативни и одржливи решенија за управување и редистрибуција на вишокот храна.

Покрај нив, награда добија и неколку граѓански организации како Здружението „Младите Можат“ за својот придонес во младински активизам, волонтерство и креирање младински политики.

Асоцијацијата МЕЛЕЕМ доби награда за својата грижа кон напуштените објекти и простори во Скопје, подобрување и уредување на тие простори и мотивирање на граѓаните активно да се вклучат во нивно наоѓање и средување.

Додека пак за покренување на свеста за постоењето на дислексијата и спречување на говорот на омраза против неа, признание доби Здружението „Ајнштајн“.

„Ова здружение е формирано пред околу 5 години со основна цел да го сензибилизира населението за дислексијата и потешкотиите кои се јавуваат со неа, но и да врши едукација на наставниот кадар и родителите за справување со оваа состојба. “, додаваат од здружението. „Наградата за нас претставува големо признание пред се поради фактот што општеството со ова покажува дека нашиот труд и напорна работа се признаени и испочитувани“, велат од „Ајнштајн“.

Наградите се доделуваат трета година по ред и се организираат во рамките на проектот на УСАИД за граѓанско учество кој е петгодишна иницијатива со цел да се зајакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за да се унапредат јавните политики, да се подобрат јавните услуги, да се промовира добро владеење и да се придонесе за подигање на стандардот на живеење на луѓето во Северна Македонија.

Г.Б.