Уред прави да се чувствува топлина, студ и болка во виртуелна реалност

Стартапот TEGWay создаде уред кој „драстично го зголемува“ искуството во игрите кои се играат во виртуелна реалност. Имено, тие успејаа да го вметнат и вистинското чувство на студ, топлина, па дури и болка во игрите.

Уредот се вика ThermoReal и е термо-електрична направа која може да крене температура од 4 до 40 степени. Може дури и да произведе студ и топлина во различни делови во исто време.

Уредот работи многу практично – доколку играчот налета на пламен во неговата игра во виртуелна реалност, ќе почувствува жештина на раката. Или, доколку скокне во езеро, чувството на студ ќе почне да му се шири на деловите од телото каде што го носи ThermoReal.

Компанијата користи флексибилни термоелектрични уреди кои можат да ја претворат телесната температура во електрична енергија. Електричната стуја може и да се движи низ уредот, што го оладува или загрева.

Од стартапот имаат поднесено повеќе апликации за патенти во оваа област.