Употребата на пластични ќеси во Англија паднала за 85 посто откако се наплаќаат

Англија, по стапките на Шкотска, Велс и Северна Ирска, стана последната држава во Обединетото Кралство која почна да ги наплаќа пластичните ќеси. Откако Англичаните почнале да плаќаат по пет пени за пластична ќеса минатиот октомври, нивната употреба oпаднала за дури 85 проценти.

Во 2014 година повеќе од седум милијарди ќеси биле употребени во Обединетото Кралство. Овој број паднал на 640 милиони во првите шест месеци откако е воведен новиот закон. Наместо да плаќаат, жителите сега носат веќе употребени ќеси или платнени торби кога пазаруваат.

Слични резултати има и во другите земји од кралството: 71 процент во Северна Ирска, 76 проценти во Велс и 80 проценти во Шкотска. Падот на користена пластика и помогнал на Велика Британија да собере речиси 30 милиони фунти, кои биле донирани во хуманитарни и еколошки организации. Поради големиот успех на ланците на супермаркети, сега има иницијатива плаќањето за ќеси да се воведе и во малите продавнички.

Властите се надеваат дека со тоа ќе успеат да го намалат количеството на пластика која завршува во реките и морињата.

Се верува дека околу 8,8 милиони тони пластика завршува во океаните секоја година, а неодамнешно истражување откри дека пластиката која потекнува од Велика Британија може да се најде дури и во водите на Арктикот.

„Тоа ќе значи дека нашиот скапоцен морски свет ќе биде побезбеден, нашите заедници ќе бидат почисти, а идните генерации нема да бидат опсипани со планини пластика на кои им се потребни стотици години да се разградат“, вели министерката за екологија на Велика Британија, Тереза Кофи.