Упад во „Инфомакс“ – лице ја искршило вратата и насилно влегло за време на подкаст

Во 23 и 45 часот додека траеше емисијата „Тешки Муабети“, синоќа се случи инцидент во студиото на медиумот „Инфомакс“, каде лице упадна во студиото среде подкаст.

Според „Инфомакс“, лицето најпрво почнало да навредува, да се заканува по живот за потоа да ја скрши вратата од дворот која е со шифра, а потоа да ја скрши и влезната врата од студиотo, каде се обидело физички да се пресмета со присутните.

„Нападот е снимен од надзорните камери како и со уште една камера. Повиците за насилство од претставници и симпатизери на власта резултираа со најголемиот инцидент во медиум во историјата на независна Македонија, физички напад во живо додека трае програма“, соопштија од „Инфомакс“.

„Партиска будала само што насилно влезе во редакцијата на ‘Инфомакс‘ и во мојот дом. Сѐ е снимено, и нападот и упадот и насилството. Дечките од полиција брзо реагираа. За сѐ останато, ќе ја тераме до крај“, објави главниот уредник на „Инфомакс“, Александар Митовски на својот Фејсбук профил веднаш по нападот.

Се јавија МВР со јавно соопштение, посочувајќи дека полицајци од ПС Кисела Вода го лишиле од слобода Г.С. (43).

„Подоцна е утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриска болница Бардовци. По целосно расчистување и документирање на случајот, против Г.С. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка. Министерството за внатрешни работи и во иднина брзо и неселективно ќе ги санкционира сите случаи на напади на новинари или друго нарушување на јавниот ред и мир и против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави“, стои во соопштението на МВР.

За целиот сличај реагираа од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Оттаму велат дека со насилното упаѓање во редакцијата било спречено новинарите да ја вршат својата професионална должност и слободно да информираат.

„Ваквото однесување, може да биде опфатено со одредбите од член 382 од Кривичниот законик Спречување службено лице во вршење службено дејствие, со предвидени казни до три години затвор, со оглед дека напаѓачот насилно упаднал во студиото, кршел инвентар и насилно ја прекинал работата на новинарите а со тоа и нивната обврска слободно да информираа“, реагираа од ЗНМ.

Овој инцидент, посочија оттаму, претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување.

„Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите. Бараме најстрога санкција за сторителот, со цел спречување на идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари. Очекуваме сите надлежни институции, вклучително и полицијата и обвинителството, да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, со цел случајот целосно да се расчисти во најкус можен рок“, стои во реакцијата на ЗНМ.

ЗНМ ќе продолжи внимателно да го следи случајот и, како што велат, ќе реагира секогаш кога е загрозена безбедноста на новинарите и медиумските работници.

Бојан Шашевски