Унгарија предлага закон кој би оневозможил признавање на трансродовите лица

Унгарската влада неодамна предложи закон со кој би се ставил крај на законското признавање на полот за трансродовите лица.

Предлог-законот, поднесен во вторникот, покрај сет мерки за справување со коронавирусот, предвидува дека родот треба да се дефинира според „биолошкиот пол заснован на основните карактеристики на полот и хромозоми“.

Со тоа, на луѓето би им се регистрирал „полот при раѓање“ и на овој начин ќе го оневозможи менувањето на законски признатиот пол.

Претходно, унгарскиот парламент донесе закон со кој на премиерот Виктор Орбан му се дозволува да владее со декрет онолку долго колку што се смета дека ќе трае кризата со коронавирус.

Исто така, мерките предвидуваат и затворска казна за намерно ширење на дезинформации за коронавирусот, нешто што наиде на остри критики од опозицијата и од политичарите во странство.

Сепак, родовата регулатива, која е дел од поголем предлог-закон што не е поврзан со коронавирусот, ќе се разгледува низ нормална процедура.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ го повика парламентот на Унгарија да не го донесе законот и рече дека мерката е во спротивност со стандардите за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

„Трансродовите лица имаат право на законско признавање на нивниот пол врз основа на самоопределување. Ова е суштински чекор за да се обезбеди почитување на нивните човекови права во сите области на животот. Легалното препознавање на полот е прашање на човечко достоинство “, рече таа во изјава.

Домашните активисти за човекови права, исто така, го критикуваа законот.

„Зачудувачки е што владата планира да го забрани законското признавање на полот во сенка на кризата со коронавирусот“, рече Тамиш Домбос, член на Управниот одбор на унгарската ЛГБТ алијанса, за Агенцијата Франс Прес.

„Ваквата мерка ќе ги присили луѓето да живеат со документи кои не одговараат на нивниот вистински идентитет и нивниот изглед … Тоа ги изложува на потенцијална дискриминација при вработување, домување, пристап до стоки и услуги и службени процедури“, рече тој.