Унгарците со нови протести пред државната телевизија

Околу 2 илјади луѓе синоќа демонстрираа пред унгарската државна телевизија во последниот од серијата протести против десничарските политики на владата на премиерот Виктор Орбан. Граѓаните побараа независност на јавниот телевизиски сервис и судството.

Дел од демонстрантите, кои се соочија со силно полициско обезбедување, носеа транспаренти со пораки дека јавната телевизија станала пропагандно средство на власта.

„Дојдов најмногу за одбрана на независноста на судството. Се надевам дека ќе видиме уште многу протести со повеќе илјади луѓе и јас можам да помогнам само преку моето доаѓање овде“, изјавил за Еуроњуз Габор Хачи, 35-годишен правник, кој на демонстрациите излегол поради новиот закон со кој административните судови треба да одговараат пред извршната власт.

Претходно обезбедувањето насилно отстрани два независни пратеници од канцелариите на државната телевизија откако тие сакаа да влезат во студио и да прочитаат изјава со која ја прогласуваат владата на Орбан за авторитарна. Њујорк Тајмс пишува дека најмалку четворица пратеници вчера биле нападнати додека се обидувале да влезат во седиштето на телевизијата, а еден од нив завршил во болница.

Околу десетина пратеници ноќта ја поминаа во просториите на телевизијата како протест против политиките на власта. Тие соопштиле дека ќе протестираат додека не им биде дозволено да ги кажат своите ставови на државната телевизија.