Уметничка инсталација во Лондон – куполи со воздух од екстремно загадените градови

Њу Делхи – со задушувачки мирис на стари автомобили и индустрија, Сао Паоло – доволно етанол за да се насолзат водате. И Лондон, со мирисот наречен – жив дизел. Тоа се доминантните забелешки за загадениот воздух на овие градови, според видувањето на уметникот кој се обидува да ја подигне свеста за проблемот со загадувањето низ светот, пишува ББЦ.

Лондончани се поканети да го пробаат воздухот од некои од најзагадените градови во светот, вклучувајќи го и нивниот, во внатрешноста на куполи полни со загаден воздух креирани од британскиот уметник Мајкл Пински, на изложба во дворот Сомерсетската палата. Секоја од петте куполи, Пински ја наполнил со сосема различен воздух, од пречистиот остров Таутра во Норвешка, па се до презагадениот Пекинг.

Секоја купола преку сензори ја контролира и имитира температурата и квалитетот на воздухот, како и миризбата на секоја дестинација, поканувајќи ги посетителите да го споредуваат квалитетот на воздухот во загадените средини.  Три греачи ја канализираат угнетувачката топлина на Њу Делхи, додека машината за магла ги исфрла облаците од смог кој виси во подот, јасен и видлив. Никој не се задржува таму, туку продолжуваат кон „удобноста“ во Пекинг.

За да ја пресоздаде загадената атмосфера на Сао Паоло, Пински се инспирира од горивото базирано на етанол што се користи во многу автомобили во огромниот град, при што се создава озон и формалдехид кога се распаѓа во атмосферата.

Пински за секоја од петте околини се информира од сопствените посети на градовите и научните откритија за различните материи што загадуваат. Атмосферата потоа ја пресоздава со помош на специјалисти, како експертот за мирис од Лондон, Лизи Остром.

„Во собата во Лондон има мирис наречен жив дизел, бидејќи главната причина за загадувањето на воздухот се автомобилите“, вели Пински.

Чистиот воздух на островот Таутра, Норвешка, е реконструиран во соработка со Ерлабс, компанија за пречистување на воздухот.

„Тоа е најчистиот воздух што можете да го најдете во Лондон“, вели Пилинг, покажувајки на влезот во куполата. „Подобро е да стоите таму отколку во дворот, во суштина.“

Посетителите се советуваат при влезот дека куполите „можат да не бидат соодветна средина” за оние кои страдаат од респираторни состојби, се плашат од затворен простор или се со мали деца и бебиња. Истовремено се нудат флаери со практични начини за намалување на изложеноста на загадувањето на воздухот во Лондон.

Стефани Пилинг, портпарол на Сомерсетската палата вели дека целта на Пински била да ги поттикне луѓето да бидат посвесни за прашањето за загадување на воздухот и да го разгледаат влијанието врз луѓето во екстремно загадените градови во Индија и Кина.

„Некои посетители рекоа дека во Њу Делхи е неподносливо“, додава Пилинг. „Но, тоа е она што луѓето го живеат секој ден“.