„Улогата на иновациите и едукацијата во локалниот развој на градовите“ – Прв Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО

Прв Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО насловен „Улогата на иновациите и едукацијата во локалниот развој на градовите“ ќе се одржи на 4 и 5 јули во Општина Битола (Сала на совет) и во Центарот за култура-Битола (мала сала).

Организаторите информираат дека за време на форумот ќе бидат вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Брадфорд, Лоѓ, Бристол, Галвеј, Рим и Софија, претставник од Интернационалниот политички истражувачки центар специјализиран за култура и креативни индустрии KEA European Affairs од Брисел, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во креативните индустрии и филм.

Форумот го организира Здружението за филмска уметност Центар за филм – Битола во насока на зголемување на соработката помеѓу градовите во областа на иновациите и едукацијата. Ова е прв форум од ваков вид кај нас и во регионот.

„Форумот е од исклучителна важност за градот Битола како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015 и еден од 13-те градови кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од Македонија и еден од ретките од регионот. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО. Тоа е форум за набљудување на улогата на креативноста како управувач и овозможувач на одржлив урбан развој и платформа за акција и иновации кон интеграција на културата во Програмата за одржлив развој до 2030 година. Форумот е од особено значење за афирмирање на можностите на Битола и воопшто на нашата држава и поврзување и зголемување на соработката со другите градови“, велат од Центар за филм – Битола.

Форумот има за цел да придонесе за ефективен развој и промоција на филмската индустрија преку спроведување на целосна проценка, подобрување на националните капацитети и организирање на промотивни настани во оваа област. Меѓу целите на Форумот е да делува како единствена платформа која членовите можат да ги искористат за да ги унапредат своите партнерства и да донесат за нови идеи и соработка. Организаторите посочуваат дека Форумот е еден од проектите кои на подолг рок има потенцијал да ја подобри институционалната поддршка и да ги зајакне претприемачките вештини, а со тоа и да ги зголеми можностите за развој преку секторот на креативни индустрии.

„Се надеваме дека Форумот ќе создаде платформа со која ќе се создаде и кохерентен пристап кон поттикнување и мотивирање на иновациите како фундаментален концепт во рамки на креативните индустрии со кој се развива економијата се од особено значење за секоја модерна економија, па и за домашната, а во базичната основа на сето тоа е едукацијата која дава основа за понатамошен развој градејќи нови кадри коишто ќе можат не само да најдат работа на пазарот на трудот туку да изградат и подобро општество“, додаваат од Центар за филм – Битола.

Форумот е поделен во два дела: дискусии и презентации и проекции на филмови. Учесници на форумот се Натали Мур, виш филмски соработник при Градскиот совет на Бристол; Алан Дуган, менаџер на Филмскиот центар Галвеј; Пјотр Кулеша, раководител при Националниот центар за филмска култура во Ло; Рејчел Ботомли, координатор на продукција во Брадфорд; Артур Ле Гал, директор на KEA European Affairs; Билјана Генова, директор на Одделот за култура во Општина Софија и Диана Андреева-Попјорданова, директор на Опсерваторијата за економија во културата; Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Северна Македонија; Љупчо Смилев, советник за планирање на регионална и мултилатерална културна соработка во Секторот за меѓународна соработка и соработка при Министерство за култура на Република Северна Македонија; Мими Ѓоргоска-Илиевска, советник за аудиовизуелни, библиотечни и фонотечни добра при Управата за заштита на културното наследство;

Петар Котевски, основач и delevoper на КАМАј МЕДИА; Марија Димова од Македонската асоцијација за развивање игри МАГДА; Саша Станишиќ, режисер, менаџер и професор на Факултетот за филм и дигитални медиуми при Универзитетот ЕФТА Скопје, како и Мариа Колети дистрибутер и селектор при Националната филмска архива CSC од Рим (Centro Sperimentale di Cinematografia-Cineteca Nazionale). Тие ќе ги презентираат активностите на градовите и нивните успешни приказни, како и своите предлог проекти за соработка, а ќе се одржи и панел дискусија „Технолошките иновации и едукација во насока на локалниот развој на градовите“ .

На отворањето ќе биде прикажан реставрираниот филмски класик „Еден посебен ден“ од славниот италијански режисер Еторе Скола во соработка со CSC од Рим.  Во рамките на филмската програма на затворањето ќе бидат прикажани три филмови, меѓу кои првиот македонски филм во колор „Македонија во слики“ од Арсениј Јовков, како и документарниот филм „Манаки, приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски.

Програмата на Форумот ќе се одржува во зградата на Општина Битола, а филмските проекции во малата сала на Центарот за култура – Битола.

Проектот е поддржан во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура.

Во продолжение ви ја пренесуваме целосната програма:

4 јули 2019

-19.00    Официјално отворање

-19:20   Проекција на реставрираниот филм „Еден посебен ден“ од Еторе Скола (110 мин.) во соработка со CSC (Centro Sperimentale di Cinematografia) од Рим

Говорник

Мариа Колети (CSC – National Film Archive, Rome)

Модератор Мирјана Ристовска

*Локација: Центар за филм – Битола (мала сала)

5 јули 2019

– 10:00 Воведна сесија

-10:30   Презентација на филмските градови – членки на мрежата на УНЕСКО

Говорници

Натали Мур (Бристол, Велика Британија)

Алан Дуган (Гајвеј, Ирска)

Пјотр Кулеша (Лоѓ, Полска)

Мариа Колети (Рим, Италија)

Рејчел Ботомли (Брадфорд, Велика Британија)

Билјана Генова и Диана Андреева (Софија, Бугарија)

Модератор Ангелина Станојоска

-11:30   Кратка пауза

-11:45   Панел дискусија: Технолошките иновации и едукација во насока на локалниот развој на градовите

Говорници

Натали Мур (Бристол, Велика Британија)

Алан Дуган (Гајвеј, Ирска)

Пјотр Кулеша (Лоѓ, Полска)

Билјана Генова и Диана Андреева (Софија, Бугарија)

Рејчел Ботомли (Брадфорд, Велика Британија)

Љупчо Смилев (Министерство за култура)

Мариа Колети (Рим, Италија)

Мими Ѓоргоска-Илиевска (Управа за заштита на културното наследство)

Модератор Ангелина Станојоска

-13:00           Студии на случај: Споделување на успешни приказни и практики
Артур Ле Гал (KEA European Affairs, Брисел)

Владимир Ангелов, директор на Кинотека на Северна Македонија

Петар Котевски, КАМАј Медиа од Битола

Марија Димова, Македонска асоцијација за развивање игри – МАГДА и

Саша Станишиќ, Факултет за филм и дигитални медиуми при ЕФТА-Скопје

Мими Ѓоргоска-Илиевска (Управа за заштита на културното наследство)

*Помеѓу студиите предвидена е проекција на три кратки филмови од Интерсити филмскиот фестивал од Бусан, Јужна Кореја

PC Бусан

Фикција┃Колор┃12мин┃2018┃Бусан

Од наша перспектива

Фикција┃Колор┃10мин┃2018┃Бусан

Последната сончевина

Фикција┃Колор┃20мин┃2018┃Бусан

*Локација: Сала на совет на Општина Битола

-18:00          Проекција на првиот македонски филм во колор „Македонија во слики“ од Арсениј Јовков

Проекција на документарниот филм „Манаки, приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски

Проекција на филм од архивата на филмската школа во Лоѓ, Полска

*Локација: Центар за филм – Битола (мала сала)