Украина води истрага за 21.000 случаи на воени злосторства

Украинските власти велат дека истражуваат повеќе од 21.000 воени злосторства и кривични дела на агресија кои наводно се извршени од Русија од почетокот на инвазијата.

Јавната обвинителка, Ирина Венедиктова, за Би-Би-Си вели дека добива извештаи за помеѓу 200 и 300 воени злосторства дневно. Таа сепак признава дека многу од овие процеси ќе се одвиваат во отсуство на сторителите, но посочува дека обвинителската работа мора да продолжи поради прашањето на правдата.

„Руските војници кои извршиле убиства, тортура или силувале цивили мора да сфатат дека е само прашање на време кога ќе бидат изнесени пред суд“, вели Венедиктова.

Таа додава дека нејзиниот тим работи низ цела Украина, но објаснува дека не можат да ги истражат сите случаи на соодветен и ефикасен начин, поради непристапноста на дел од територијата на земјата.

Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Руските власти досега ги отфрлија сите обвинувања за извршени воени злосторства.

Во мај Венедиктова изјави дека дотогаш биле идентификувани околу 600 осомничени и дека започнале 80 истраги.

Првиот руски војник кој беше суден во Украина доби доживотна казна затвор поради убиство на цивил.

Меѓународниот кривичен суд испрати најголем тим на истражители во историјата на оваа институција во Украина за да помогнат во повеќето од истрагите кои се одвиваат.

Во меѓувреме украинската војска предупреди дека руската армија подготвува напад на источниот регион Доњецк, грантаирајќи неколку градови.

Русија преку викендот ја освои речиси целата територија на соседниот регион Луганск, како дел од нивните намери да го заземат целиот поширок регион Донбас.