УКИМ повторно ја почнува академската година во црква

Во црквата „Свети Јован Крстител“ во Капиштец денеска ќе се одржи првиот академски час за студиската 2013/2014 година на кој ќе присуствуваат ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, проректорите, деканите на факултетите, директорите на научните институти и членови на Сенатот.

Со првиот академски час ќе управува Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, придружна членка на УКИМ.

Ова е втора година по ред во кој УКИМ ја почнува академската година со богослужба. Ректорот Велимир Стојковски за Радио МОФ лани изјави дека неговото присуство на верски обред не е спротивно на законот, затоа што Богословскиот факултет е рамноправен член на УКИМ од 2008. „Како што во минатото сум посетувал други факултети на почетокот на академската година, оваа година одам на Богословскиот“, рече тогаш Стојковски.