Училиштата во Кенија остануваат затворени до 2021 – учениците ќе ја повторат учебната година

Сите училишта во Кенија ќе останат затворени до следниот јануари поради пандемијата на коронавирус.

Откажани се и завршните испити, кои обично се полагаат во октомври и ноември.

Министерот за образование, Џорџ Магоха, рече дека учениците ќе повторат една година бидејќи училиштата се затворија кон средината на март, три месеци откако започна училишниот календар. Но, колеџите и универзитетите треба да се отворат во септември, доколку се придржуваат кон строгите упатства.

Академската година во Кенија трае од јануари до ноември.

„Училишната календарска година 2020 година ќе се смета за изгубена поради ограничувањата на Ковид-19“, рече Магоха.

Ова ќе важи за јавните и приватните училишта, рече тој.

Владиниот Институт за развој на наставните програми во Кенија обезбедуваше училишни програми преку радио, телевизија и преку интернет. Но, додека некои успеаја да ги покријат наставните програми со користење на овие ресурси, има многу други кои немаат пристап до технологијата.

Магоха рече дека неговото министерство ќе истражи како да го направи учењето преку интернет достапно за сите ученици.

Источноафриканската земја регистрираше повеќе од 8000 случаи на коронавирус со најмалку 164 смртни случаи, а неодамна се забележува пораст на нови инфекции.

Претседателот Ухуру Кенијата објави постепено отворање на земјата, вклучително и укинување на патните ограничувања во главните градови Наироби и Момбаса.

Сепак, тој го продолжи полицискит час низ целата држава во наредните 30 дена, од 21:00 до 04:00 часот наутро по локално време.