„Убавината на квантните честици и образовниот систем“ – визуелна изложба на Дафина Шекутковска

„Жените се честопати потценувани во својата работа, дискриминирани и малтретирани во цел спектар на појави. Од животната приказна на Марија Кири, која за малку немала да добие Нобелова награда, доколку не ја поддржеле луѓето, до познати женски уметници кои дури и си ги уништувале сопствените уметники дела. Во античка Европа, прво постоел Матријахат за што се најдени многу археолошки докази и во Македонија, а Никола Тесла предвидел дека еден ден жените ќе го водат светот, сметам дека треба да се најдеме на пола пат, а змиите сами си ја гризат опашката“.

Вака уметницата и физичарка Дафина Шекутковска ја најавува својата нова изложба, која ќе се одржи утре (четврток, 2 декември) од 17 часот кај Мобилната монтажна галерија во Парк на Франкофонија.

Таа објаснува дека 17 слики за квантни честици се правени во техника акрил на платно (со мала употреба некаде на маркер), додека останатите седум се поврзани со едукативниот систем, правени на хартија за сликање со водени бои и мешана техника. Исто така е вклучена и една мала скулптура.

„Инспирацијата за оваа изложба е дел од квантната физика а другиот дел од образовниот процес. Мојата професија прави да имам слични предиспозиции кон сликарството, па правам спој на науката со уметноста и едукацијата. Ова го правам преку доловувањето на мистицизмот, надреалноста и убавината на науката а друг дел од изложбата е осврнат кон едукацијата на учесниците, образовниот процес и мојот поглед кон образованието. Низ една лесна игра им се вдахнува живот на квантите честици, и низ имагинацијата, се обидувам да претставам како тие физички би изгледале. Секоја од 17-те квантни честици си има свое име и особености. Некои честици, на пример Муонот изгледа како да има крилја“, вели таа.

Потенцира дека постојат филозофски прашања околу тоа што е најмалото нешто во универзумот. Аристотел сметал дека постојат пет вида на материја, земја, вода, воздух, воздух и етер. Етерот е мисла која ја задржал и Никола Тесла. Идејата за атомот потекнува од грчката филозофија и од Индија. Со откривањето на атомот, се сметало дека е тоа најмалата честичка во која нема понатаму ништо друго. Но, понатаму се докажува дека атомот се состои од протони и неутрони во јадрото, околу кои има електони. Понатаму се сметало од физичарите дека најмалото нешто се квантните честички, се формира и квантна теорија на поле, која објаснува како тие ја добиваат масата“, стои во најавата на изложбата.

Понатаму, вели Шекутковска, се смета дека се состојат и од стрингови. Дали стрингот, прашува таа, претставува најмалото нешто од кое се состои материјата?

„Со овој проект им ја доближувам убавината на квантните честички на пошироката публка, со што правам и популаризација, едукација и комуникација за науката, а исто така ги објаснувам преку краток текст ефектите на секоја од 17 те квантни честички поединечно. Дијаграмите прв ги смислил физичарот Ричард Финеман, кој за ова добил и Нобелова награда. Другиот дел од изложбата го претставува едукативниот процес и моите оргинални видувања кон него, а покрај тоа, како се обидувам да им дадам мотивација за критичко размислување, самостојно размислување и индивидуалност, чувство на заедништво, солидарност, љубов и почит во другарството. Овој дел ке биде претставен преку 7 дела“, се вели во најавата за утрешната изложба.

За време на изложбата, задолжително ќе се почитуваат мерките и протоколите на Владата за КОВИД-19.