Уапсени пет лица за масакрот врз студентскиот кампус во Кенија

Најмалку пет лица се уапсени поради нападите на колеџот „Гариса“ во Кенија, каде загинаа 148 лица, јавуваат светските медиуми. Кениската полиција смета дека исламистот Мухамед Мухамуд, поранешен учител, е организатор на масакрот на универзитетот. Тој е припадник на сомалиската екстремистичка група „Ал Шабаб“, која ја презеде одговорноста за нападот.

Полицијата веќе понуди околу 200.000 евра за информација која би довела до негово апсење.

Два дена по нападот на студентскиот кампус, денеска е пронајдена една преживеана студентка, соопштија кениските власти. 19-годишната студентка се криела на кампусот од четвртокот, во орман, прекриена со облека.

Според министерот за внатрешни работи на Кенија, Мвенда Њока , петте уапсени лица се на испитување во полиција. Во четвртокот беа убиени и четворицата напаѓачи, на крајот од еднодневната заложничка драма.

Според локалните медиуми,  тајните служби имале информации дека се подготвува напад врз училиште или универзитет, но не презеле никакви мерки. Во моментот на нападот во градот Гариса, студентскиот дом бил обезбедуван од едвај две лица и бил  лесен плен за четворицата напаѓачи.