Уапсени активисти на „Храна, а не оружје“ во Флорида поради делење храна без дозвола

Полицијата во Темпа, Флорида, уапси седум активисти на движењето „Храна, а не оружје“ бидејќи делеле храна на гладни луѓе во градскиот парк без дозвола. Останатите активисти велат дека ова би можело да се повтори и утре наутро, кога повторно планираат да им делат храна на социјално загрозени семејства.

Тие велат дека причината поради којашто целото внимание во државата е насочено кон Темпа е што се одржува Националниот шампионат за фудбал меѓу колеџите. Всушност, апсењето во саботата се случило додека се одржувал поголем настан.

Но, ова не е првпат активисти на движењето да бидат уапсени. Минатиот вторник, полицијата го спречила нивното делење на храна, а според портпаролот на полицијата, групата немала дозвола од општината за да ги прави овие акции.

Сепак, според Дезереј Лин од глобалното движење „Храна, а не оружје“, тие и наредната сабота ќе делат храна за луѓето без дом, или секој кој сака храна.

Ова движење повремено е активно и во Македонија, низ неколку градови. За македонските активисти на „Храна, а не оружје“ може да прочитате на линкот подолу.

„Храна, а не оружје“- од зеленчук што се фрла до вкусен оброк за сиромашните