Уапсен и соработник на Асанж

Соработник на основачот на Викиликс Џулијан Асанж е уапсен во Еквадор за „истражувачки цели”, соопшти министерката за внатрешни работи на земјата.

„Лице поврзани со „Викиликс“, кое престојуваше во Еквадор, беше уапсено ова попладне, кога се подготвуваше да отпатува за Јапонија”, објави Марија Ромо.

Притворениот човек, наводно, живеел во Еквадор неколку години и често ја посетувал амбасадата во Лондон, каде што престојувал Асанж. Според Ромо, „дал придонес во обидите да го дестабилизира Еквадор за да им предизвика штета на властите”.

„Асошиејтед прес“ објави дека станува збор за Ола Бини, шведски програмер, кој живее во главниот град на Еквадор, Кито.

Апсењето се случило неколку часа откако Асанж беше уапсен во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што беше затворен од 2012 година.

На својот блог, Бини се опишува како развивач на софтвери кој работи во Кито за Центарот за дигитална автономија со седиште во Еквадор и Шпанија, а кој се фокусира на прашања поврзани со приватноста, безбедноста и криптографијата. Но, не споменува никаква поврзаност со Викиликс.

Засега Асанж останува во полициски притвор, а судот ќе ја донесе пресудата на второто рочиште на 2 мај.

Во еквадорската амбасада беше засолнет од притвор поради обвинение дека извршил сексуален напад во Шведска.

Во меѓувреме Асанж тврдеше дека доколку биде екстрадиран во Шведска, тој ќе биде уапсен од Соединетите Американски Држави и дека ќе биде обвинет за објавувањето на стотици илјади дипломатски депеши кои беа објавени преку Викиликс.