Во четврток во 9 часот е најавен собир на „Тврдокорните“ пред Основниот суд Скопје 1, со цел, како што велат, да им дадат поддршка на нивните браќа – македонски родољуби, кои ќе бидат изведени пред суд со обвиненија поради настаните во Собранието на 27 април.
Повикот за собирот на социјалните мрежи е најавен под името „Поддршка за браќата – порака за внатрешните одродници“.
„Ве повикуваме, масовно и единствени пред Судот, да им испратиме јасна порака на политичките квислинзи и најразличните партиски полтрони, кои не доведоа до оваа понижувачка национална подреденост, дека нивните антимакедонски дела нема да бидат заборавени и кога тогаш ќе бидат соодветно казнети. За разлика од политичарите, ние нема да ги изневериме нашите храбри браќа родољуби, кои во името на сите слободољубиви Македонци ја бранеа и сега ја бранат македонската чест и достоинство. Да им испратиме порака на внатрешните одродници и непријатели кои ни ја одземаат Македонија, дека сѐ додека не се исполнат македонските историски права, сѐ додека Македонија не им се врати на Македонците, овде, нема да имаат мирен живот“, стои во најавата за собирот.