Турскиот режисер Али Авчи доби над шест години затвор за несоодветни сцени со Ердоган

Судот во Истанбул го осуди турскиот режисер Али Авчи на затворска казна од шест години и три месеци заради учество во терористичка група, поради тоа што претседателот Реџеп Тајип Ердоган и неговото семејство ги прикажал на несоодветен начин.

Режисерот беше уапсен минатата година по објавувањето на трејлерот за неговиот филм „Будење“ базиран на неуспешниот воен пуч од 2016 година во кој загинаа над 250 лица.

Во трејлерот се прикажани мртви членовите на семејството на турскиот претседател, вклучително и неговиот зет, министерот за финансии Берат Албајрак, а еден офицер стои со вперен пиштол во главата на Ердоган додека тој се моли.

Според судот, работата на Авчи произлегува од неговата поврзаност со мрежата на Фетула Ѓулен, кого турските власти го обвинуваат за неуспешниот преврат.

Поради слични обвиненија досега над 50.000 лица беа осудени, а 150.000 професори, судии и воени лица беа отпуштени од работа.

МИА