„Турлитава – заедно е послатко“ на 22 јули во Парк на Франкофонија

Со цел да се одбележи 22 јули, како ден посветен на жртвите на дела од омраза, во понеделник (22 јули) од 19 часот, Хелсиншкиот комитет за човекови права со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје по шести пат го организира настанот „Турлитава – заедно е послатко“ во Паркот на Франкофонијата во Мобилна / Монтажна Галерија.

„Овој пикник е посветен на промоција на соживотот и толеранцијата помеѓу сите заедници во нашата држава. Во фокусот на овогодинешниот настан ќе биде Ромската заедница“, велат организаторите.

За време на пикникот ќе бидат претставени вкусни традиционални специјалитети застапени во различните етнички кујни (македонска, албанска, турска, ромска, српска, бошњачка, влашка и други).

Музичката програма ќе биде подготвена од Александар Петров и неговиот бенд.

„Ве очекуваме заедно да ги вкусиме различните традиционални кујни и заедно да го потенцираме прифаќањето, признавањето и споделувањето“, стои во најавата за настанот.