Туристичките работници утре излегуваат на протест, бараат спас од банкрот

Надлежните институции останале неми на барањата за помош на туристичките агенции, водичи и превозници, а поради таа причина туристичките работници најавија протест за во среда, односно утре, со почеток од 16 часот.

На протестот кој ќе започне пред „Дрво Декор“, а ќе продолжи кон „Кочо Рацин“, „11-ти Октомври“, „Димитрие Чуповски“, „Васил Главинов“, булевар „ВМРО“, булевар „Илинден“, па се до Владата, е најавено дека ќе присуствуваат повеќе од 700 луѓе, а за време на протестот ќе ги следат автобуси.

„Планирано е повторно обраќање на дел од учесниците, со цел повторно да се напомене дека цели пет месеци сме без никакви примања, без никаква можност за одржување на функционалноста на нашите сектори и дека доколку државата не ни даде помош ќе бидеме приморани веќе во наредните денови да ставиме катанци на нашите врати“, стои во најавата за протестот.

Протестот, како што велат оттаму, нема политичка позадина и се оградуваат од било каква поврзаност. Исто така, оттаму уверуваат дека на протестот ќе се придржуваат до мерките за заштита од Ковид-19.