Тројца македонски планинари ги освоија трите највисоки планини на Балканот за 30 часа

Македонските планинари и планински тркачи Александар Кирковски и Игор Јовановски, придружувани од Мики Тодоровски успешно реализираа последователно брзинско искачување на трите највисоки планини на Балканот во календарска зима.

Балканската планинска трилогија почнува од врвот Митикас 2.918 метри надморска височина, на планината Олимп, во Грција, продолжувајќи со Вихрен 2.915 мнв на планината Пирин, во Бугарија и завршува со Мусала 2.915 мнв на планината Рила, во Бугарија.

Подвигот македонските планинари го комплетирале за вкупно време од 30 часа и 55 минути вклучувајќи го и превозот меѓу планините во должина од 600 километри.

„Само за искачување на планините им биле потребни 21 час минувајќи 60 километри и над 5.000 висински метри во сурови зимски планински услови. Вообичаеното потребно време кај планинарите за зимско искачување на овие врвови е по два дена за секој поединечно“, се вели во соопштението на Александар Кирковски.

Претходно годинава Александар постави македонски брзински рекорди на највисоките планини во Европа, искачувајќи го Елбрус 5.642 мнв (Кавказ, Русија) за 5 часа и 35 минути и Мон Блан 4.810 мнв (Алпи, Франција) за 6 часа 26 минути до врвот и назад. Игор Јовановски има значајни резултати на повеќе трки над 100 километри и е еден од организаторите на најголемата трка во планинско трчање кај нас „Крали Марко Треил“.