Трибина во Штип за младинските прашања, проблеми и права

Во просториите на Американското Катче во Штип вчера (23 септември) се одржа трибината на тема „Предизвици за младите: Oстварување и заштита на правата – Што прашуваат младите?“. На трибината се промовираше и истоимената брошура, а присутните дискутираа за проблемите со кои се соочуваат младите, средношколците и студентите. Брошурата, која е анализа на случаите во кои постапувал советодавниот сервис за права на млади, беше направена со цел да им помогне на средношколците, студентите и сите млади лица како да постапуваат во слични ситуации и да најдат одговор на своите прашања, дилеми и проблеми.

SLIKA 1

Координаторот на проектот Кристина Митрова, ги повика младите да се залагаат за остварување на своите права, ги охрабри да поставуваат прашања и да не се откажуваат во борбата да го остварат своето право.

„На вас оставаме да продолжите и понатаму да прашувате, и остварените права во конктретен случај како успешна приказна да бидат ваша инспирација и вие без страв и двоумење да се залагате за остварување на вашите права“ рече Митрова.

Говорници на оваа трибина беа и заменик народен правобранител од Штип Елена Ѓоргоноска Маневска како и Снежана Теодосиеска Јордановска од Канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје, кои ги запознаа младите со улогата на Народниот правобранител во унапредувањето и заштитата на правата на младите и одговорија на голем број прашања поставени од нивна страна.

Притоа Ѓоргоноска Маневска ги охрабри младите да се залагаат за остварување на своите права и ги повика да се обратат во Канцеларијата на народниот правобранител која, како што истакна, секогаш е отворена за сите кои сметаат дека некое нивно уставно и законско право е повредено. Дел од присутните млади ги искажаа своите проблеми и поставуваа прашања, на кои од страна на претставниците од Канцеларијата на Народниот правобранител им беше даден одговор како да постапат понатаму за да го остварат своето право.

SLIKA 2

Говорник на трибината говорник беше и Иван Тасевски, потпретседателот на Студентскиот парламент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип кој зборуваше за улогата и значењето на студентското организирање.

„Студентскиот парламент е линкот кој ги поврзува студентите со деканатот и ректоратот и ние сме одговорни за одбраната, заштитата и унапредувањето на правата на студентите“, посочи тој.

Пред присутните се обрати и ученикот Христијан Тасевски, инаку претседател на клас во СОУ„Славчо Стојменски“ од Штип кој зборуваше за улогата на претседателот на класот во заштитата и остварувањето на правата на средношколците.

Оваа трибина е последна петта трибина по ред во рамки на проектот „Советодавен сервис за права на млади“ на која се промовираа заклучоците и препораките и случаите во кои постапуваше сервисот. До средината на месец септември беа одговорени повеќе од 50 прашања поставени од средношколци, студенти и млади луѓе. Во однос на целната група , односно лицата кои поставиле прашање се возраст од 16 до 27 години, а ним Советодавниот сервис за права на млади во рок од 7 дена ги советуваше како да постапат во конкретен случај и како полесно да го остварат, односно заштитат своето право. Советодавниот сервис постапувајќи по пристигнатите прашања, изготви вкупно осум практични обрасци (приговори, барање, молба, изјава) со цел да им биде полесно на средношколците и студентите да ја отпочнат постапката за остварување на своето право.

Трибината во Штип беше организирана од Младински образовен форум во соработка со Американското Катче Штип, а во рамки на проектот „Советодавен сервис за права на млади“, спроведуван од МОФ и поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје.