Три четвртини од мажите во Блискиот исток сметаат дека „местото на жената е дома“

Гледиштата за еднаквоста помеѓу половите воопшто не е согласна со желбите и аспирациите на младите жени, според анкета спроведена во Блискиот исток и северна Африка.

Ставовите на мажите во однос на улогата на жената на работното место и во домот, како и нивното учество во јавниот живот, биле стереотипично сексистички во истражувањето спроведено во Египет, Мароко и Палестина.

Речиси 10.000 луѓе, на возраст меѓу 19 и 59 години, одговориле на анкетата, а повеќето од мажите поддржуваат традиционални и сексистички ставови кон жените. Тие сметаат дека „жените не се создадени да бидат лидери“, „не треба да работат надвор од домот“, и дека „важно е да се образуваат момчињата, но не и девојчињата“.

Младите жени кои биле анкетирани покажале константна потреба од поголема родова еднаквост, според истражување спроведено од Интернационалната анкета за мажи и родова еднаквост, проект кој се залага за еднаквост преку опширни анкети на ставовите кон родовите проблеми, насекаде низ светот.

Како одговор на речиси сите прашања, мажите имале помалку прогресивни ставови кон еднаквоста, отколку жените. Во Египет, повеќе од 90% од мажите се согласиле со тврдењето дека „мажот треба да го има последниот збор во домот“. Сепак, се согласиле и дури 58,5% од жените.

Повеќе од половина од мажите во Египет кои биле анкетирани се согласиле дека „има случаи кога жената заслужува да биде натепана“, во споредба со помалку од третина од жените. Иако 75% од жените во Египет мислат дека мажените жени треба да ги имаат истите права да работат исто како и нивните сопрузи, само 31% од мажите се согласиле.

Во Либан, гледиштата на помладите мажи за родот биле попрогресивни од оние на постарите мажи. Државата има и најдобра оценка во однос на родовата еднаквост од сите анкетирани, но сепак оценката е ниска – 1.74 од 3.

„Долг е патот за мажите целосно да ја прифатат и поддржат еднаквоста за жените во арапскиот регион, како и во многу други делови во светот“, вели Гери Баркер, ко-автор на истражувањето и претседател на кампањата за еднаквост Промундо.

Студијата ги истражувала и менталното здравје и стравовите на мажите, и открила дека голем причинител на стрес е предизвикот да се најде платено работно место во време на економска несигурност, особено во оние земји во воени конфликти.

Ефектите на конфликтите и невработеноста се често потенцирани како фактор во предизвикување на депресија кај мажите. Бројка меѓу една петтина и половина од мажите признале дека се срамат да се соочат со своите семејства, поради недостатокот на пари или работа.