Три арапски карикатуристки ја цртаат положбата на жените во нивните држави

Во некои арапски земји жените сè уште треба да добијат дозвола од машки член на семејството за да извадат пасош, да стапат во брак или да ја напуштат земјата. Иако практиката на „машко старателство“ не е секогаш законска одредба, таа постои во секојдневниот живот во семејствата. Британскиот ББЦ побара од три женски карикатуристи од Северна Африка да илустрираат како традицијата продолжува да влијае врз животите на жените во нивните држави.

Египет

„Проблемот кој најмногу го симболизира „машкото старателство“ во нашата земја е прашањето на младите невести“, вели наградуваната египетска карикатуристка Доа ел-Адл.

„Постои тренд кај богатите мажи од Арапскиот полуостров да патуваат до сиромашните рурални египетски места за да најдат млади, привремени невести“.

Како жестока карикатуристка, која ги напаѓа табу темите како осакатувањето женски полови органи или сексуалното малтретирање, ел-Адл често предизвикува контроверзии и дури била обвинувана за богохулство.

Фразата „млади невести“ значи дека девојките само што ја достигнале легалната возрасна граница за брак во Египет, која е 18 години, но нивните семејства ги мажат со многу постари мажи од странство.

Во многу случаи, мажите ги напуштаат девојките кратко потоа.

Ел-Адл посочува дека, парадоксално, законот кој е донесен за да престане оваа практика, всушност ја охрабрило.

Ако маж странец сака да ожени девојка која е повеќе од 25 години помлада од него, тогаш тој е обврзан да плати на нејзиното семејство нешто над 6 илјади долари. Додека тоа е релативно мала сума за богатите мажи од заливските држави, тие средства ги мотивираат сиромашните египетски семејства кои се борат со економски проблеми.

„Мажите во овие општества всушност ги продаваат овие девојки. А државата не успеа да спречи тоа да се случува“, вели ел-Адл.

Тунис

„Кога прв пат почнав да цртам, го правев тоа анонимно па сите мислеа дека сум маж“, објаснува туниската карикатуристка Надиа Киари.

„Не можеа да замислат дека жена може да црта, а не пак да илустрира карактери полни со хумор и разум“.

Киари е автор на Вилис од Тунис, куче чии авантури пренесуваат коментар за животот во Тунис после револуцијата.

Темата која ја одбрала за оваа карикатура, која исто го прикажува Вилис, е постојаниот притисок врз жртвите на силување да стапат во брак со нивните напаѓачи, во намера да се избегне срамот кај нивните семејства.

Вакви практики постојат, вели Киари, иако од 2014 година има нов закон за родова рамноправност.

„Телото на жената припаѓа на нејзиното семејство и дури и ако била жртва на сексуално насилство, честа на семејството мора да се зачува пред се друго. Туниската администрација не го признава силувањето како она што е. Не се гледа на него како на сериозно кривично дело“, објаснува.

Мароко

Риам Елур е прва жена карикатурист која е објавена во мароканскиот печат. Нејзиниот роденден е на 8-ми март и за себе вели дека е „родена феминистка“. Она што почнало како детско хоби се претворило во нејзина професија, кога пред 15 години освоила награда од УНЕСКО.

Темата која ја одбрала за својата карикатура е патување во странство и големиот број мажи од Мароко кои го користат законот да им забранат на нивните жени да патуваат надвор од земјата.

Иако голем дел од законите за „машко старателство“ во Мароко се промениле во реформите од 2004 и 2014 година, жените сè уште законски мораат да добијат формално одобрување од сопругот за да ја напуштат земјата, доколку со себе сакаат да го земат и детето.

„Мажите ова го користат за да го контролираат животот на жените“, истакнува Елур.

Таа сè уште е единствена жена карикатурист во нејзиниот весник. Но, останува цврсто убедена дека преку нејзината уметност ќе го промени начинот на кој се гледа на жените во Мароко.

„Сакам моите цртежи да ги поттикнат жените да се борат за своите права. Не сакам да се жалат како се жртви. Јас сум борец. Сите жени се борци“, додава таа.