Трета недела протести – демонстрантите пред Собрание порачаа: Нема да им помине!

Со скандирање „Нема правда, нема мир!“, „Оставка!“, „Готово е Никола!“ демонстрантите кои и денеска во 18 часот се собраа пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство“, продолжија кон Собранието на Македонија. На чело на колоната беа членови на Сојузот на борците, а на протестот дојде и опозицискиот лидер Зоран Заев.

Протестот беше мирен,  со редари кои внимаваа на демонстрантите. Дождот кој почна да врне, не ја растури толпата која ги служаше обраќањата на активистите од бината поставена пред Собрание.

„Денеска се собрани граѓаните на Македонија кои се во борба со фашизмот. Собрани сме од секаква припадност, вера, нација. Аболираат криминалци, а апсат граѓани – Нема да им помине! Ќе бидеме побројни и подостоинствени. Ние ќе ја ослободиме државата“, рече во своето обраќање пред присутните активистот Петрит Сарачини.

 

Професорот Бранимир Јовановиќ пак зборуваше за куќниот притвор за неговиот колега Здравко Савески и порача дека режимот е пред колапс и губи разум.

„Не сум овде по партиска или било каква наредба, протестирам со својот народ до крај – Нема правда, нема мир! На двајца им бил досуден куќен притвор? Ова е неправда, а сите знаеме дека кога нема правда нема и мир. Овојпат згрешија службите на режимот, тие не знаат дека само не здружуваат заедно, затоа што ние се бориме против неправдата и заедно сме посилни“, додаде Јовановиќ.

Следеше и обраќањето на професорот и експерт од областа на безбедноста Иван Бабанов

„Чавков јас знам каков студент беше, јас му пишав оценка. Тој е криминалец. Не се плашете, тоа се криминалци и делуваат само кога имаат партиски полтрони до нив“, истакна Бабанов.

Свои обраќања имаа и пејачката Кристина Арнаудова и Петре шилегов од СДСМ.

Пред да тргнат кон Собрание, од Протестирам соопштија дека се пуштени активистите и членови на Левица кои денеска беа приведени од полицијата, а против кои е поднесена кривична пријава за демолирање на Народната канцеларија на претседателот. Претходно кај СЈО демонстранти ја запалија сликата на претседателот Ѓорѓе Иванов, искажувајќи го со тоа својот револт против неговата одлука за аболиција на политичарите.

Демонстрациите почнаа минатата седмица и продолжуваат секој ден во 6 часот попладне, со зборно место пред Специјалното јавно обвинителство.

Тие траат веќе трета седмица во Скопје откако претседателот Ѓорѓе Иванов соопшти дека потпиша одлука за аболиција на сите политичари, од власта и опозицијата, против кои има кривична пријава или веќе е поведена ваква постапка.