Трамп се откажа од раздвојување на мигрантските семејства откако над 2.000 деца беа одвоени од родителите

По жестоките критики во јавноста и политичарите, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша наредба со која се спречува понатамошно раздвојување на семејствата мигранти кои незаконски пристигнуваат во САД преку границата со Мексико.

При потпишување на указот, Трамп изјави дека го прави тоа бидејќи: „Не му се допаѓала глетката или чувството на раздвоени семејства“.

За време на својот говор во Минесота, Трамп рече дека критиките во јавноста биле предводени од Демократите кои се обидувале да го отргнат вниманието од истрагата на ФБИ врз Хилари Клинтон.

За пет недели 2.300 деца биле одвоени од своите родители. Американските власти минатата недела соопштија дека нулта толеранцијата кон мигрантите на границата со Мексико од половината на април довела до радвојување на повеќе од 2.000 деца од родителите кои биле приведени поради нелегален влез во земјата.