Трамп го стопираше финансирањето на СЗО

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера наложи привремено да запре финансирањето на Светската здравствена организација, бидејќи според него, не ја исполнила нејзината основна должност при справувањето со пандемичниот коронавирус.

Претседателот Трамп соопшти дека финансирањето ќе биде ставено во мирување од 60 до 90 дена.

„Организацијата со седиште во Женева ги промовираше „дезинформациите“ на Кина за вирусот што веројатно доведе до поширока појава отколку што би се случило поинаку“, рече Трамп.

„СЗО не успеа во оваа основна должност и мора да биде одговорна“, додаде тој на вчерашната прес-конференција во Белата куќа.

По ова, реагираше генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој како што рече, сега не е време за тоа.

,,Сега е време за обединување и меѓународната заедница да работи заедно во солидарност за да го спречи овој вирус и неговите разорни последици“, апелираше Гутереш.

САД се најголем донатор на СЗО. Минатата година ја финансираше работата на СЗО со повеќе од 400 милиони долари.

Во меѓувреме, речиси 2 милиони луѓе на глобално ниво се заразени, а повеќе од 126,000 умреле откако болеста се појави во Кина кон крајот на минатата година.