Тони Димитров и Мартин Георгиевски со жив настап на 24-часовниот концерт „ToBe Continued 2021“

„ToBe Continued“ се враќа на Светскиот ден на туберкулозата, кој се одбележува во среда на 24 март 2021 година. „ToBe Continued“ е оригинален концерт во траење од 24 часа (од 00 часот, па се до полноќ на 24 март, GMT + 1), за време на кој музичари од многу земји ширум светот ќе бидат поврзани со веб-страницата што ќе ги емитува нивните концерти. За време на овој непрекинат 24-часовен звучен маратон секој музичар има на располагање 30 минути за да создаде звуци и ритми што ќе се движат низ различни музички текови, објави Nomads.mk.

Музичарите кои ќе настапат се од различни земји, вклучувајќи ги сите 5 континенти, создавајќи симболична турнеја низ светот со 48 постојки. Меѓу нив се и звучните артисти Тони Димитров и Amplidyne Effect (Мартин Георгиевски) кои со своја импров сесија како претставници од Македонија ќе го обогатат овој настан.

Секој кој има достапна интернет-врска, може да го слуша ToBe Continueued со едноставно поврзување на веб-страницата www.stazioneditopolo.it.

Настанот, кој во целост ќе го покрие целиот Светски ден на туберкулозата на 24-ти март, е координиран од Антонио Дела Марина, музичар и композитор на компјутерска музика и од Морено Миорели. Иницијативата е под покровителство на Глобалниот здравствен инкубатор, „лабораторијата“ основана во јули 2009 година од страна на д-р Марио Равиглионе, денес редовен професор по глобално здравје на Универзитетот во Милано, со цел да се создадат врски помеѓу светот на креативноста и оној на науката.