„Тоа што го одржува денешниот поет да дејствува е отпорот“ – пораката на Влада Урошевиќ на Струшките вечери на поезијата

Со традиционалното читање на песната „Т`га за југ” и порака на македонскиот поет и прозаист Влада Урошевиќ, синоќа беа отворени 58. Струшки вечери на поезијата.

„Во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана, каде пишувањето песни станува дејност на која јавноста не и подарува речиси никакво внимание, славењето на поезијата преку еден ваков фестивал како што е Струшкиот, претставува благороден и високо морален чин“, рече тој.

„Тоа што го одржува денешниот поет се уште да дејствува низ една форма која за многумина е старомодна и изживеана, е отпорот. Секој чин на пишување песни денес низ светот е еден вид отпор. До вчера во овие краишта тоа беше отпор обидите поезијата да се претвори во орудие на претераната идеологизација во служба на политичката елита. Денес, песната станува еден вид отпор против се пожестоката и понемилосрдната материјализација на се што постои“, додаде тој.

Идејата за „Поетската порака“ е новитет и целта е да се потенцира важноста на поетите и моќта на поетскиот збор во делот на фестивалската програма, кој обично е резервиран за обраќањата на официјалните претставници на централната и локалната власт.

Претходно во Паркот на поезијата во Струга, годинашната добитничка на главната фестивалска награда „Златен венец“, Ана Бландијана, засади дрво.

„Се чувствувам многу емотивно што ме поканивте да бидам лауреатка на овој фестивал. Не можам доволнода ви се заблагодарам за оваа покана и за оваа дружба и за можноста да го живееме сонот на овој поетски фестивал“, рече лауреатката.

Како дел од официјалната програма на годинашното издание во хотелот „Дрим“ беше отворена и изложбата на Сашо Блажес.

Програмата продолжи денес со Портрет на Зоран Анчевски, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци” за 2018 година.

Во 11 часот во Конгресната сала ќе отпочне поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци” за 2019 година. Тоа се Митко Гогов за „Скриено писмо“, Јовица Ивановски за книгата „Човек“, Наташа Сарџоска за „Крстна коска“, Билјана Стојановска за книгата „Стан што се распаѓа“ и Катица Ќулавкова за „Мои страсти, мои страданија“.

Следно на распоредот е доделувањето на наградата „Стојан Христов” за најдобра поетска книга од поет од дијаспората за 2019 година, по што ќе уследи симпозиум на тема „Исток/Запад: Балкан/Европа“

Во 16 часот во Конгресната сала во хотелот „Дрим“ ќе се одржи разговор на тема „Пирот, поет, скитник“, со Емануел Рембер, директор на Францускиот институт во Скопје.

Од 20 часот на истекот на реката Црн Дрим ќе се одржи настанот „Поетски портрет на Влада Урошевиќ“, а еден час подоцна ќе се презентира тематската антологија „Арката на Ное“, односно збирка песни од македонски поети за животните.

Во 22 часот утре на сцената на истекот на реката Црн Дрим ќе се одржи поетското читање „Кругови“, а потоа  ќе се презентира „Дедлајна љубов моја“ на Владимир Лукаш – во соработка со ИНКА Струга.

Точно на полноќ во фоајето на Центар за култура ќе почне поетското читање „Ноќ без интерпункција“ и ќе биде отворена изложба „Скицерајки“ од Владимир Лукаш – во соработка со ИНКА Струга во рамки на „Раздримување“.

Голем дел дел од настаните на годинашниот фестивал ќе бидат пренесувани во живо на официјалниот YouТube канал.