„Ти си мобилна архитектура“ на Ирена Пејовиќ во Музејот на современа уметност

Утре (10 јули) во Музејот на современа уметност во Скопје ќе се отвори изложбата „Ти си мобилна архитектура“ на Ирена Пејовиќ.

Пејовиќ создава настани кои водат надвор од визуелниот аспект, кореографирајќи движења кои ја претвораат публиката во истражувач на еден свет кој е активен и во создавање, како збир на релациони односи, на начин на кој тие го немаат доживеано претходно. Во нејзините дела, публиката се движи со сензори, користејќи вид, звук, навигација, чувство на текстура, боја, големина, и е подвижна и неподвижна. Делата, просторот и гледачот земаат рамноправен дел во изработката на настаните.

„Ти си мобилна архитектура“ e тековно истражување низ средините на движење. Делото е мобилно, затоа, значењето треба да биде во мобилноста. Тоа е хаптичен простор, мазен простор каде што ветрот свири, дрвото пука и бара сите да учествуваат во неговото создавање. Се бара отворен процес на создавање, за да се овозможи дело што е живо, форма која е во формирање.

Ирена Пејовиќ (1981 година, Гевгелија), живее и работи во САД. Дипломира и магистрира Ликовна уметност на Државниот универзитет „Монтклер“. Неодамна, во 2016 год., Пејовиќ беше дел од перформансот SWIM на американскиот уметник Роберт Витман, презентиран во Галеријата „Фридман“ во Њујорк, а реализиран во соработка со Фондацијата „Диа“ и со Џули Мартин, директор на „Експерименти во уметноста и технологијата“. Селектирани самостојни изложби има одржано во: Галеријата „Ненси Дрифос“ на Универзитетот „Кин“ во Њу Џерси; Галеријата „Карас“, Загреб, Хрватска; Галеријата „Аферо“, Неварк, Њу Џерси; Галеријата МЦ во Њујорк. Пејовиќ има добиено неколку значајни награди за својата уметност – 2018 год.: Државната награда за индивидуални уметници од Советот за уметности на Њу Џерси; 2014 год.: Наградата од Обединетата македонска дијаспора: Џон Битов Македонско културно наследство; 2013 год.: Step Beyond Travel Grant од Европската културна фондација. Вонреден професор е на Државниот универзитет „Монтклер“ и на Универзитетот „Кин“ во Њу Џерси, САД.