Последниве два дена граѓаните на Тетово се пожалија на невообичаен мирис и вкус на водата од нивните чешми. На социјалните мрежи, тие најчесто овој сомнителен мирис го опишуваат како хемиски. Од Центарот за јавно здравје – Тетово, во меѓувреме, уверуваат дека последните анализи покажале и физичко-хемиска и бактериолошка исправност на водата.
За ситуацијата се пожалија и од здружението „Еко Герила“. Тие велат дека немаат веродостојни информации за тоа што навистина се случува со водата и за проблемот побараа одговорност од градоначалничката на Тетово, Теута Арифи и премиерот Зоран Заев.
„Имаме молк и неодговорност од градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи, која, во хаотична ситуација како оваа, не успеа да го адресира и разјасни проблемот со водата. Граѓаните се збунети и во паника за тоа како да се постават кон водата за пиење за нив и нивните деца. Бараме директна одговорност и на премиерот Зоран Заев за последователни скандали кои се случуваат во нашиот град, како резултат на неспособноста во работење на општината и на градоначаничката Арифи. Проблеми со водата за пиење, со ѓубрето, нечистотијата во градот, узурпација на јавните простори, финансиска нетранспарентност, градски сообраќај, паркинг… На раководни позиции се поставуваат неспособни и некомпетентни луѓе за задачите и должностите што треба да ги извршуваат“, посочуваат од „Еко Герила“, додавајќи дека ако продолжи оваа ситуација ќе следува жесток одговор на граѓаните.
Со сличен проблем граѓаните од Тетово се соочија и во октомври минатата година. Надлежните тогаш објаснија дека проблемот настанал поради вклучувањето на новиот водоснабдителен систем и дека промената во мирисот и вкусот на водата била поради паднати лисја во површинските води од планинските реки кои се користат за дополнителните количини вода за градската водоводна мрежа.