Тетовци до Општината: „Доста не труете!“

Додека во центарот на Тетово се одржуваат концерти и изложби, се чита поезија и се одржуваат бокс мечеви како дел од „културното лето“, еден километар подалеку, на влезот од градот, расте планината од ѓубре.

„Доста не труете“, пишуваше на некои од транспарентите на протестот кој денеска се одржа пред тетовската општина, со кој граѓаните испратија порака дека дивата депонија, која тетовското комунално претпријатие ја користи како претоварна станица, мора да се отстрани.

Исмаил Сабриу кој живее во близина на купиштата отпад сведочи за сериозноста на проблемот. Вели дека од чист град под Шар Планина, во кој беше чест да се живее, Тетово се претвори во најзагаден град во Македонија.

„Огромна е количината на ѓубре. Неподнослива е миризбата, посебно во ноќните часови. Ние со овој протест сакаме да пратиме почетна опомена. Кога ние гласаме за локални или функционери на централно ниво гласаме за да се подобри квалитетот на живеење на граѓаните, а не да се влоши. Потребна е волја за овој проблем да се реши. Но изгледа дека волја нема“, вели тој.

Токму жителите од населбата „Деребој“, која се наоѓа до самата дива депонија се најпогодени од проблемите кои таа ги создава. Освен непријатната миризба, ѓубрето често гори и претставува ризик по здравјето на тетовци. Граѓаните велат дека е поставена спротивно на законите и претставува срам за градот. Тие беа организатори на протестот кој го подржаа околу стотина граѓани на Тетово и локалните граѓански здруженија. Револтирани од ситуацијата, тие симболично своето ѓубре го фрлија пред влезот на Општината.

„Бараме само Општината да се држи до ветувањата. Тие ветија дека депонијата ќе се дислоцира од влезот на градот и дека ќе живееме во најчист град во Македонија, а ние и со депонијата и со Југохром и со многу други проблеми станавме најзагаден град во светот“, рече Аријанид Џафери од еколошкото здружение „Еко Герила“.

„Да протестираме за воздух е чудно. Живееме во место каде има вода и воздух, а тоа некој го загадува и никој не презема мерки против тоа. Крајно време е Општината да најде решение за овие проблеми, или доколку не може, нека ослободат место за оние кои имаат капацитет и знаење тоа да го направат“, изјави Сретен Коцески од Институтот за развој на заедницата.

Градоначалничката Теута Арифи по протестот разговараше со дел од жителите кои протестираа. Информираа дека причината поради која во последниот период има поголемо таложење на отпад во градот е блокадата на патот до депонијата „Русино“. Ѓубрето се транспортирало кон депонијата „Дрисла“, што одземало повеќе време и било поскапо за општинскиот буџет.

„Ние веќе неколку денови се трудиме да најдеме решение, преку објект во кој ќе се одложува отпадот во Тетово и нема да им пречи на граѓаните. Блиску сме до решение по кое граѓаните нема да се занимаваат повеќе со овој проблем“, рече по средбата Џељал Цека, директорот на тетовското Јавно комунално претпријатие.

Депонија во Тетово

Дивата депонија е проблем повеќе од една деценија. Ѓубрето од градот се носи на периферијата каде се одложува на отворен простор. И покрај бројните ветувања од надлежните за изградба на објект во кој, под некакви стандарди и без опасност по животната средина, би се складирал отпадот до транспортирање во депониите, објект нема а ѓубрето се одложува на ист начин.

Оваа депонија, според експертите, се наведува како една од причините за огромното загадување на воздухот што претставува најсериозен проблем за тетовци веќе трета година по ред.

Даниел Евросимоски