Телевизијата „Евроњуз“ забранета во Белорусија бидејќи не ги преведувала рекламите

Белоруските власти го забранија емитувањето на програмата на европската телевизија „Евроњуз“, потег кој критичарите на режимот на Александар Лукашенко го сметаат за цензура, пренесува „Н1“.

Министерството за информирање соопшти дека на местото на „Евроњуз“ ќе се емитува руска телевизија за Втората светска војна.

Лиценцата за емитување не е обновена поради рекламите кои се емитуваат на англиски јазик, наместо да се преведуваат на руски или белоруски јазик, изјави портпаролот од белоруското министерство.

„Забраната се надоврзува на очајната состојба на независните медиуми во Белорусија“, рече Алес Биалиатски кој е на чело на белоруската невладина организација „Вјасна“

Телевизијата која, како што истакна тој, им нудела на гледачите можност да се запознаат со „случувањата во Европа“, е заменета со „пропаганден канал“.

„Белорусија паѓа во информациска изолација и тоа е она што го сака режимот“, додаде Биалиатски.

Независната новинарка и аналитичарка Хана Лиубакова пак, вели дека „за среќа, влијанието на интернетот е многу големо во земјата“, додавајќи дека ваквиот потег е очигледен обид за ограничување на пристапот до информации.

По реизборот на Александар Лукашенко на претседателските избори во август минатата година, во Белорусија започнаа масовни протести, кои властите пробаа да ги задушат, а илјадници луѓе беа уапсени, меѓу кои и новинари.