„Театар во куфер“ – нов меѓународен фестивал во Штип од 9 до 20 ноември

„Театар во куфер“ е нов меѓународен театарски фестивал кој од 9 до 20 ноември ќе се одржува во Штип и ќе прикаже една гостинска и пет домашни претстави. Започнува во петок со „Европејци“ на театарот „Драфт“ од Тузла, Босна и Херцеговина. Организатор е Домот на млади во Штип а, освен на неговата сцена, ќе има изведби и во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“.

Во наредните денови ќе бидат изведени претставите: „Дисфункција“ на Младински интимен театар од Битола; „Убавите жени“ – поезија и театар на актерот Страшо Милошевски; „Женска утопија“ – според драмите на Јордан Плевнеш; „Петтиот чин“ на НУЦК „Антон Панов“ од Струмица и „Чекачот“ на Театар за гледање и слушање од  Штип. Во рамки на фестивалот на 14. ноември напладне ќе биде организиран симпозиум „Патувачки театар“.

Идејата е театарот да се врати на архаичниот модел – патувачкиот театар.

Организаторите очекуваат фестивалот да прерасне во традиција. Фестивалот има и свој манифест во кој е подвлечена, како што наведуваат, природната врска меѓу театарот и куферот: „Затоа што куферот антиципира патување, а театарот никогаш не отишол подалеку од двоколката на Теспис“.

Годинава сите учесници ќе добијат статуетка Арлекин, а во план е од идната година фестивалот да биде натпреварувачки и со награди.