Таткото на Дуа Липа, грузискиот клуб Басиани и врвот на европската музичка индустрија доаѓаат на ПИН конференција

Во четврток, 29-ти ноември во Скопје почнува официјалната програма на јубилејниот 20-ти Таксират фестивал, со 5. Меѓународна ПИН музичка конференција која во Македонија ќе ги собере најважните луѓе од европската музичка индустрија.

И годинава влезот за сите настани е бесплатен.

Годинава, покрај дневните панел-дискусии и можноста за средби, споделување искуства и дружење со над 100 странски делегати, публиката ќе има прилика да погледне и 25 концерти на влијателни македонски изведувачи и значајни претставници на новата европска музичка сцена. ПИН конференцијата ќе се одржува и на 30-ти ноември и 1-ви декември во Младинскиот културен центар во Скопје.

Работен јазик на конференцијата е англискиот, но традиционално Таксират го резервира првиот ден од ПИН за македонскиот панел посветен на најгорливите теми за домашната културна сцена, годинава под наслов „Љубов ли е ова или панаѓур?“.

Дебатата ќе биде помеѓу јавната администрација и граѓанскиот сектор од областа на културата, на теми како: конкурси, културни простори, касетна продукција, Креативна Европа, наичин на функционирање… Во петокот и саботата на ПИН, панел-програмата ќе опфати важни теми за оваа индустрија како што се: патот до успехот на меѓународната сцена, влијанието на технологијата и дигитализацијата врз музиката, инстант-ѕвездите, вистината зад вредноста на фестивалите, општествената важност на електронската музика, малите земји на глобалната сцена, улогата на државата и т.н.

Гости на панелите ќе бидат ДУКАЃИН ЛИПА – директор на најголемиот фестивал „Сани Хил“ во Косово и татко на светската бр.1 женска музичка ѕвезда Дуа Липа, ГИОРГИ УЈМАЈУРИЏЕ – менаџерот на култниот клуб Басиани во Грузија кој годинава светски одекна со масовните рејв-протести, ГОРДОН МЕЈСОН – уредник на најзначајниот магазин за live музичката индустрија „IQ Magazine“, но и престижниот американски „Билборд“ и британската International Live Music Conference, како и директори и претставници на славните фестивали како словачкиот ПОХОДА кој доаѓа со целиот свој тим за live презентација како „од а до ш“ се прави голем фестивал, но и  ЕГЗИТ, РИВОРКС, ПАНК РОК ХОЛИДЕЈ, ЗИГЕТ и т.н. Покрај европските, ПИН ќе угости и подалечни гости, како на пример ФРАНЦИСКО КЕРЕНО кој ќе ја претстави бразилската музичка индустрија.

Над 20 значајни музички уметници пак, се запишуваат во концертната програма во вечерните часови на ПИН каде што публиката ќе може да ги види ГОРАН ТРАЈКОСКИ кој на сцената остави значајна трага и со бендовите Анастасија, Мизар и Падот на Византија, СТРИНГ ФОРСЕС со промоција на новото ЕП, најголемата македонска атракција во моментов и „Јутјуб“ рекордер ДУПЕР, најдоброто од домашната транс сцена, а светски ѕвезди во овој жанр ЕГОРИТМИЈАСпирит АрхитектМодуалМикромомент, потоа ПЛУТОС ДАУТС, но и бројни странски бендови.

Од соседството гостуваат ЕЛ ПРЕЗИДЕНТЕ – бендот на Лука Максимовиќ, ексцентричниот претседателски кандидат од изборите во Србија во 2017-та, а ќе се претстават и алтернативните женски изведувачи од регионот како ЖЕНКАТЈА ШУЛЦАНА ЌУРЧИНРУТ КОЛЕВА, потоа новата музичка сцена од различни земји во Европа како панкерите „Пајпс енд пинтс“ од Чешка, победниците на белгискиот „Монтро џез фестивал“ за најдобар џез состав „Ајландмен“, дивата на унгарската инди сцена Вера Јонас и уште десетина други.

Организаторите истакнуваат дека поради ограничениот капацитет, единствена обврска за присуство на дневните активности е регистрација на овој линк. За концертите, влезот е бесплатен и нема потреба за претходна регистрација.

Целосната програма и сите детали за ПИН може да се најдат на следните веб-страници www.pinconference.mk или www.taksirat.mk .