Таткото на британскиот премиер Џонсон аплицирал за француско државјанство

Таткото на британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека се наоѓа во процес на аплицирање за француски пасош, со цел да ги одржи своите врски со Европската Унија по договорот за Брегзит, јавува „Ројтерс“.

Поранешниот пратеник во Европскиот парламент Стенли Џонсон кој на референдумот во Британија кој се одржа во 2016 година гласаше за тоа Велика Британија да остане во ЕУ, изјави дека сака да стане француски државјанин поради силните семејни врски со Франција.

„Ако добро разбирам, јас сум Французин. Мајка ми е родена во Франција, нејзината мајка беше Французинка, како и нејзиниот дедо. Значи, за мене станува збор за враќање на ова што веќе го имам. И тоа ме прави многу среќен“, рече 80-годишниот Џонсон, зборувајќи на француски јазик.

„Јас секогаш ќе бидам Европеец, тоа е сигурно. Не може да им се каже на британскиот народ: ‘вие не сте Европејци’. Да се има врска со Европската Унија е важно“, додаде тој.

Неговиот син Борис пак, беше јавното лице на кампањата за излез на Британија од ЕУ во 2016 година, а во тој период рече дека Велика Британија може „силно да напредува“ како целосно суверена нација.