Таравари: По 6-ти пат за 18 месеци се менуваат директорите на училиштата во Гостивар

Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, преку социјалните мрежи информираше дека директорите на општинските училишта во Гостивар повторно се променети од страна на Министерството за образование и наука.

„Метлата на Заев започна од Гостивар, денеска се поставени нови присилни директори по училиштата, по 6-ти пат се менуваат директорите во училиштата во нашата општина за 18 месеци“, напиша градоначалникот Таравари на својот фејсбук профил.

Од Министерството за образование и наука возвраќаат дека се работи за активирање на решенијата за враќање на директорите на работните позиции, од кои биле разрешени на незаконски начин. Од МОН додаваат и дека решенијата биле повлечени во април поради спроведување на фер и коректни претседателски избори.

„Одложувањето на примената, односно постапувањето по еден правен акт донесен согласно законите и во случајов, врз основа на одлука на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос и согласно извештаите од спроведените надзори на Државниот просветен инспекторат, не треба да значи негово забошотување и трајно непостапување по однос на истиот. Водејќи се по принципите на почитување на правото, правичноста и транспарентноста во работењето, Министерството за образование и наука има обврска и должност да постапи согласно своите ингеренции во секоја ситуација, вклучително и во конкретната во која беа констатирани низа прекршувања на законските прописи од страна на општина Гостивар во делот на разрешувањето на училишните директори од политички причини. А мешањето на политиката е недозволиво во областа на образованието, бидејќи најголемата штета која се прави, оди на сметка на учениците и нивниот воспитно образовен процес“, соопштија од МОН.

Министерството за образование и наука првично му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот Таравари да отпушта и да именува директори на општинските основни и средни училишта во февруари минатата година, а ваква одлука повторно беше донесена и во февруари оваа година. Таравари тогаш ја обвини власта за тоталитарно однесување, а од Министерството велеа дека одлуката е донесена поради регистрирани незаконитости.