Таксират 20: „Вечер на гломазна поезија“ на Рамбо Амадеус во декември

Годинава во рамки на 20-тиот Таксират фестивал, еден од најавтентичните автори во регионов, Рамбо Амадеус пред македонската публика ќе го претстави неговиот веќе славен театарско-сценски перформанс „Вечер на гломазна поезија“ кој ќе се одржи на 3-ти декември во кино „Фросина“ во Младинскиот Културен Центар во Скопје.

Популарниот музичар и мултимедијален уметник Антоније Пушиќ, попознат како Рамбо Амадеус, во овој уникатен проект ја претставува својата поезија во придружба на клавирскиот маестро Иван Алексијевиќ – Панчевац. Со ова гостување, македонската публика за прв пат ќе има можност да ужива во театарско-сценската програма со трагикомична содржина, која претставува комбинација на неговата експресивна, метафорична, духовита и саркастична поезија, проза и филозофија.

Рамбо Амадеус со својот израз секогаш бил многу близок до театарската форма, а „Вечер на гломазна поезија“ тој самиот ја опишува како „единствена претстава која на лаконски, сликовит и непретенциозен начин го сецира општеството и поединецот кој се обидува да опстане во него и да го пронајде своето парче среќа“. Атмосферата на „Вечер на гломазна поезија“, како што објаснува самиот Рамбо, е најблиска до она што денеска се нарекува стенд-ап комедија, „но е сепак малку е поизопачена и попрво би се кажало дека тоа е стенд-ап трагикомедија“!

Таксират веќе го започна одбележувањето на својот јубилеј, а кон крајот на оваа година нѐ очекуваат и финалните денови со официјалната програма на 20-тата едиција во Скопје, во чии рамки на 3-ти декември ќе се одржи и овој настан. Билетите за „Вечер на гломазна поезија“ се веќе пуштени во продажба во лимитиран број и можат да се купат преку продажната мрежа на МкТикест по цена од 500 денари.