СЗО: Преработеното месо може да предизвика рак

Во извештај на Светската здравствена организација пишува дека конзумирањето 50 грама преработено месо на ден ги зголемува шансите за појава на рак на дебелото црево за 18 отсто. Исто така, се вели дека црвеното месо „најверојатно е канцерогено“, но доказите за ова се ограничени. Сепак, СЗО во својот извештај нагласува дека од јадењето месо исто така има и придобивки.

Преработеното месо се модифицира за да се продолжи неговиот рок на траење или да се засили неговиот вкус со додавање на разни конзерванси. Токму овие додатоци може да го зголемат ризикот на рак. Готвењето на висока температура, како печењето на скара, може исто така да предизвика канцерогени клетки.

СЗО дојде до овој заклучок по советот на нејзината Меѓународна агенција за истражување на ракот. Сега преработеното месо е во иста група на канцерогени материи со плутониумот и алкохолот. Меѓутоа, истражувањето не покажува колкави се шансите месото да предизвика рак, односно тоа не значи дека повременото јадење сендвич со сланина е подеднакво лошо како пушењето.

„За едно лице, ризикот за развој на рак на дебелото црево поради нивното конзумирање на преработено месо останува мал, но ризикот е поголем со зголемено внесување на месото во организмот“, вели д-р Kurt Straif од СЗО.

Истражувањето покажува дека речиси 34 000 смртни случаи од рак секоја година се резултат на преработеното месо. Наспроти ова, еден милион од случаите на рак годишно се предизвикани од пушење цигари, а 600 000 се поради алкохол.

Црвеното месо има и хранлива вредност, бидејќи е главен извор на цинк, витамин Б12 и железо. Сепак, организацијата нагласи дека 100 грама црвено месо на ден може да ги зголеми шансите за појава на рак за 17 отсто.