СЗО: Нереално е дека светот ќе се ослободи од КОВИД-19 до крајот на годината

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека е нереално да се мисли дека светот ќе се ослободи од КОВИД-19 до крајот на оваа година.

Директорот на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан, сепак изјави дека трагедијата во кризата со коронавирусот може да се избегне со намалување на бројот на хоспитализирани и починати, пренесува „Гардијан“.

Тој додаде дека вирусот сè уште е оној што ја има контролата, особено со оглед на зголемувањето на бројот на новозаразени минатата недела, по шест последователни недели пад на бројките.

„Би било многу прерано и нереално да се мисли дека ќе се ослободиме од вирусот до крајот на годината, но ако сме паметни, можеме да завршиме со хоспитализации, смртни случаи и трагедија поврзана со пандемијата“, изјави Рајан.

Директорот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, вчера изјави дека е за жалење тоа што помлади и поздрави лица во некои побогати земји се вакцинираат пред загрозените здравствени работници во земјите во развој.

Тој на конференција за новинарите кажа дека, благодарение на напорите на програмата на ОН Ковакс, вакцинацијата почна во Гана и во Брегот на Слоновата Коска, но дека жали што тоа се случува по три месеци од почетокот на вакцинацијата во држави како САД, Канада и Британија.

Гебрејесус кажа дека за првпат по седум недели бројот на случаи на КОВИД-19 низ светот се зголемил минатата недела, што е разочарувачко, но не и изненадувачко.

СЗО работи на подобро сфаќање на причината зошто бројот на заболените се зголемил и сè укажува дека главната причина е попуштањето на мерките, рече тој.