СЗО бара филмовите во кои се пуши да бидат само за возрасни

Светската здравствена организација смета дека филмовите во кои актерите пушат цигари би требале да бидат означени „само за возрасни“, за да се заштитат младите генерации. Според истражувањето спроведено од СЗО, во 44% од холивудските филмови имало сцени во кои се пуши.

Во вчера објавениот извештај, се вели дека во 70% од 15-те комерцијално најуспешни филмови во Британија од 1989 до 2008 се пушеле цигари, а 92% од овие филмови биле наменети за деца под 18 години. Што се однесува на периодот од 2002 до 2014 година, речиси две третини од филмовите содржеле сцени во кои се пушат цигари. На пример, во филмот „Transformers: Age of Extinction“ дури има и робот што пуши, велат од СЗО.

„Со последните, уште построги рестрикции за рекламирање на производите од тутун, филмот останува еден од последните канали кои ги изложуваат милионите адолесценти низ светот на приказите на пушење, и тоа без рестрикции“, вели д-р Douglas Bettcher, директор на оддел во Светската здравствена организација.