Светската бројка на заболени од Ковид-19 надмина милион случаи

Во текот на изминатата ноќ, бројката на заразени со новиот коронавирус на глобално ниво надмина 1 милион лица откако пред три месеци се појави во кинеската провинција Вухан и се прошири низ светот.

Досега на светско ниво се регистрирани 1 милион и 18 илјади случаи. Околу 25% од овие случаи веќе имаат исход – досега нешто над 53 илјади лица починаа од болеста, додека преку 213 илјади лица целосно заздравиле од Ковид-19. Во моментов се активни вкупно 750 илјади пациенти заболени од болеста, од кои 95% имаат благи симптоми, додека 5% се во сериозна или критична состојба.

worldometers.info

Брзиот раст на ширење на вирусот најдобро покажува тоа што било потребно еден и пол месец за да се стигне до првичните 100.000 случаи, додека само изминатава недела се регистрирани нови половина милион заболени од Ковид – 19.

Најмногу заразени од новиот вирус има во САД со вкупно 245 илјади лица, по што следуваат Италија и Шпанија како единствените две земји со повеќе од 100 илјади регистрирани случаи.

Ковид – 19 е проширен на вкупно 204 држави и територии низ светот, како и на два крузери во меѓународни води.