„Светлината на светот“ – нова збирка раскази од Александар Михајловиќ

Деновиве од печат излезе третата книга на авторот Александар Михајловиќ насловена „Светлината на светот“.

Се работи за збирка кратки раскази што воедно претставува прво прозно дело на Михајловиќ, кој досега ги има издадено стихозбирките „Алтани и други“ и „Помалку измамени“.

За новата книга, Михајловиќ раскажува дека ја пишувал две години, инспирацијата ја пронашол во емоциите, љубовта, природата и планинарењето.

„Пишувањето и творењето е процес, како автор се стремам да еволуирам во тој процес, на публиката да ѝ дадам нешто ново и необично, сепак за оваа книга ќе чекам на реакциите од читателите“, вели тој и додава дека на ист начин се поврзува и со поезијата и со прозата иако за него е нова област во која почнува да твори.

„Светлина на светот“ е уредена од поетесите Љупка Антеска и Билјана Дејаноска, а лекторирана од Златко Панзов. Книгата е издадена во поддршка на Министерството за култура, како дел од Годинешните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2022 година.

Александар Михајловиќ дипломирал на Педагошкиот факултет во Скопје и работи како наставник. Негови поеми се објавувани во заеднички збирки од поетски фестивали и електронски портали. Тој е добитник на бројни домашни и странски награди за поезија. Михајловиќ води онлајн блог за поезија каде ги објавува своите песни.