Студентските собранија и партиите потпишаа Декларација за млади, образование и иднина

Универзитетски студентски собранија и шест политички партии пред парламентарните избори потпишаа заедничка Декларацијата за млади, образование и иднина.

Како што велат организаторите, потребата за потпишување на декларацијата доаѓа од деценискoто отсуството на политичка волја за сериозни реформи во образованието.

„Со потпишувањето на оваа декларација се надеваме на интензивна соработка во сите процеси кои се однесуваат на образованието која ќе вроди со плод. Соработката на студентските претставнички тела со партиите кои се на власт и ги управуваат институциите е есенцијална, но исто толку е важна и соработката со партиите кои се дел од опозицискиот блок и се постојан коректив на политиките на владејачките партии“, соопштија од Универзитетското студетнско собрание при УКИМ.

Декларацијата ја потпишаа Универзитетските студентски собранија на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“, „Мајка Тереза“, „Климент Охридски“ и „Гоце Делчев” и претставниците на политичките партии од СДСМ и Коалиција Можеме, ДОМ, ВМРО ДПМНЕ – Обнова на Македонија, ДПА, Македонски концепт и Глас за Македонија.

Организаторите појаснуваат и дека на потпишувањето биле поканети сите политички партии кои имаат поднесено кандидатски листи на предвремените парламентарни избори 2020.